Ќе се прераспределува медицински кадар за што помала смртност на новороденчињата

Во текот на последните неколку години е забележано зголемување на стапката на неонатален морталитет во Македонија. Конкретна причина за зголемувањето на смртноста кај новороденчињата не е детектирана, а како што велат надлежните, проблемот е мултифакторски.

Откако Владата е алармирана за сериозноста на проблемот, почнува да презема мерки. Една од тие мерки е донесување на стандарди за акредитација на породилиштата.

Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи во Македонија (АКАЗУМ) со поддршка од Фондот за население на ОН – УНФПА, започна проект за унапредување на мајчиното и новороденечко здравје и намалување на нивната смртност.

Цели на проектот се да се зајакнат техничките капацитети на засегнатите здравствени институции и здравствени специјалности  (гинеколозите, неонатолозите и акушерките) кога станува збор за услуги поврзани со ефективна перинатална грижа во родилиштата во државата, да се изработат и спроведат стандарди за акредитација, и во продолжение клинички патеки, протoколи и алгоритми за перинатална грижа, базирани на докази, да се обезбеди техничка експертиза преку менторство во спроведување на практики за перинатална грижа базирани на докази, со посебен фокус на новороденечката грижа, како и да се јакне свеста кај жените и нивните семејства за појава на ризични знаци/состојби во текот на бременоста.

Во текот на изминатите неколку денови, припадници на АКАЗУМ, заедно со претставници од сите засегнати страни, како и д-р Тахир Махмуд од Европскиот борд и колеџ за гинеколози и акушери остварија средби со цел финализирање на стандардите за родилиштата во Македонија.

– Жените го заслужуваат најдоброто. Моето мислење е дека треба да ги максимизираме нашите ресурси за да им го дадеме најдоброто. Да инвестираме. Мора да се воведат протоколи и тие протоколи да важат насекаде. Сеедно дали жената ќе биде во Скопје  или одалечена 100 километри од главниот град, секаде треба да ја добие истата услуга, посочи Махмуд.

Наведе дека здрава жена која има нормална бременост не треба да се носи во Скопје за да се породи, истакнувајќи дека такви здравствени установи треба да има во секој град и услугите што ги нуди таа болница треба да бидат со највисоки стандарди.

Истакна дека во земјата е почнато да се воведуваат стандарди за нега, посочувајќи дека станува збор за голема препрака што треба да се надмине.

– Проблемот тука не се само парите, проблем е системот. Бидејќи речиси во сите земји докторите ја „водат“ државата. Не станува збор за тоа колку се платени, туку дека сакаат нешто повеќе. Сакаат да имаат поголем удел во општеството. Но, ако се смени околината во која докторите работат, ако бидат вреднувани, почитувани, тие ќе ја чувствувваат болницата каде што работат како нивен дом. Ако така се чувствува еден доктор многу проблеми можат да бидат надминати, нагласи Махмуд.

Анте Попоски, директорот на АКАЗУМ наведе дека веројатно до крајот на февруари ќе бидат донесени финалните стандарди, преку кои болниците ќе се акредитираат.

– Сега освен стандардите за породилиште, потребна е интеграција на целокупниот процес на здравствена заштита за мајките и за децата. Тоа значи дека здравствената заштита кон нив не почнува во болниците, туку почнува на примарно ниво, тоа се избраните матични гинеколози, па дури и претходно, со некаков тип на превенција и едукација. Ние уште во моментов почнуваме со процес на донесување на стандарди за примарна здравствена заштита за гинеколошко-акушерски ординации, посочи Попоски.

Истакна дека Министерството за здравство презема мерки за прераспределување на кадар на оние места каде има недостиг, наведувајќи дека се донесени и кадри од други земји.

– Ние ќе им пристапиме на сите породилишта и тоа ќе значи обврска да управуваат, да организираат процеси според еден униформен документ. Ние настојуваме да се воедначи услугата без оглед на геограграфската локација. На исто ниво да добиете идентична услуга. Тоа се барањата на стандардите, нагласи Попоски.