Скопскиот градоначалник, Коце Трајановски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски денеска го означија почетокот на градежните работи за проширување на раскрсница во Маџари. Се работи за раскрсницата на улиците Благоја Стефковски и Жан Жорес, во населбата Маџари.
Ќе се намали метежот
Денеска почнуваме уште еден градежен зафат кој во голема мера ќе го олесни одвивањето на сообраќајот во овој дел од градот. Оваа раскрсница со години претставува црна сообраќајна точка на која секојдневно се создава голем сообраќаен метеж и се формираат колони возила, особено при вртењето во лево кон населбата Ченто. Сега, улицата Благоја Стефковски при влегувањето во крстосницата ќе се прошири и ќе се формира посебна лента за вртење во лево и посебна лента за движење право, од двете страни на крстосницата. Новопроширениот коловоз во раскрсницата ќе биде на површина од околу 1.200 квадратни метри. Со овој проект, ќе се овозможи растоварување на сообраќајот на оваа крстосница, ќе се скрати времето на патување и ќе се придонесе за заштита на животната средина. На проширување на раскрсницата на улиците Благоја Стефковски и Жан Жорес, во населбата Маџари, ќе работат екипите на ЈП „Улици и патишта“, а за реализација на овој проект Градот Скопје ќе одвои околу 4,5 милиони денари. Градежните работи се очекува да завршат за околу 2 месеца. Апелирам до граѓаните да покажат трпение додека траат градежните работи на оваа крстосница и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот, рече денеска градоначалникот Трајановски.
Улиците ќе добијат нови тротоари
За време на проширувањето на оваа раскрсница во Маџари на терен ќе се направи ископ, ќе се вгради тампонски слој, новопроширениот коловоз ќе се асфалтира и ќе се обележи хоризонталната сигнализација. По проширувањето на крстосницата ќе се уредат и тротоарите, се вели во соопштението од Град Скопје.