До крајот на годината, целосно ќе бидат изработени основните проекти по што стручните екипи на Националниот конзерваторски центар ќе пристапат кон целосната заштита на манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово, значаен споменик на културата од XIX век. Активностите за целосна реализација за сочувување на овој вреден манастирски комплекс со активен монашки живот предвидуваат неопосредна заштита и санација на црквата, конаците и музејскиот дел, односно Галеријата на мозаици (поранешно училиште, односно Спомен-куќа на Дедо Иљо Малешевски), која се наоѓа во рамките на комплексот.
Според усвоената динамика на реализација, од страна на надлежната установа, целосно е завршена првата фаза која се однесува на препокривање на северозападниот конак во рамките на комплексот, а годинава, освен изработката на проектите, превентивно ќе се интервенира на критичните места на покривот на црквата „Св. Архангел Михаил“.
За 2016 година е планирана интензивна изведба на конзервацијата и реставрацијата на поединечните архитектонски единици во манастирот, а за 2017 година е предвидена целосна реализација на непосредната заштита на комлексот, со што ќе се овозможи достојна презентација и промоција на овој вреден споменик на културата, како и создавање солидна основа за збогатување на туристичката понуда на локалната самоуправа на градот Берово во насока на развој на културниот и манастирскиот туризам, што претставува стратешка определба на Министерството за култура.
Mанастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ во Берово е основан во втората деценија на XIX век, а дваесетина години подоцна се оформени и конаците со монашко сестринство кое опстојува континуирано речиси два века.