
Основното јавно обвинителство – Куманово издаде наредба за вештачење на лифтот во кој вчера загина 6-годишно момче. Вештачењето ќе се врши на Машинскиот факултет во Скопје и треба да ги утврди причините за несреќата, информираат од Јавното Обвинителство.
По наредба на надлежен јавен обвинител, лифтот е целосно изолиран и обезбеден со полициско присуство.
Во исто време, обвинителот издал наредба за одземање на севкупната документација од фирмата задолжена за сервисирање на лифтот, како и прибирање на друга неопходна документација потребна за расветлување на случајот.
Дополнително, уште во текот на вчерашниот ден издадена е наредба за обдукција на телото на починатото момче.