Зоран Заев, лидерот на СДСМ треба без одложување да ги објави документите кои ги најавува како „бомба” која ќе ја урне Владата, во спротивно станува соучесник во повредата на честа и угледот на Република Македонија.
Ова во изјава за МКД.МК го потенцираше универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
На трибината на СДСМ вчера во Битола Зоран Заев рече дека има докази против Владата кои кога ќе ги објави, премиерот Груевски ќе мора за три дена да даде оставка.
– Ако се работи за повреда на честа и угледот на Република Македонија, како што рече Заев, тогаш ги прикрива доказите што ги има за да ја уценува власта за формирање на техничка влада, а тоа значи дека и тој станува соучесник во тој случај. Тоа значи дека и тој учествува во повредата на честа и угледот на Република Македонија. Ако опозиционерите толку многу ја посакуваат таа оставка, тие досега тоа можеа да го сторат и денес ќе имавме премиер во оставка“, вели Кекеновски. Според него, со ова, опозицијата ја држи јавноста во заложништво.
-Доказите што ги поседуваме ќе бидат во многу прецизно и соодветно време обелоденети, изјави во Битола Заев. Лидерот на СДСМ досега неколку пати изјавуваше дека има „бомба“ која ќе ја урне Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев ќе мора јавно итно да одговори на следниве прашања, вели Кекеновски.
– Зошто долго време ги скрива од јавноста засега ,,наводните докази” од кои ќе треба сите да се срамиме? Дали овие ,,докази” се само средство за изнудување за создавање на техничка влада? Дали валидноста и релевантноста на доказите и нивното појавување во јавноста зависи од договорот за формирање на техничка влада? Бидејќи барањето за техничка влада беше одбиено уште во старт на првата лидерска средба, дали после второто официјално одбивање на ова барање тој ќе собере храброст доказите дa ги изнесе во јавноста и обратно, дали доколку се формира техничката влада јавноста нема да има увид во нив? Јас, а верувам и најголем дел од граѓаните на Република Македонија немаме потреба да се срамиме за нешто што го правел или ги прави некој друг. Напротив сите ние сакаме да го осудиме секој недемократски и секој друг антимакедонски потег или дејство, но исто така и да го казниме секој оној кој „продава и сее магла“ за собирање на дневнополитички поени. Затоа претеседателе Заев потегот е твој“, апелира универзитетскиот професор Кекеновски.