Кембриџ лани изразил загриженост за брзањето со воведување на програмата во средно

Да се одложи Кембриџ програмата во средното образование и одложување за една година на програмата во деветто одделение, и било препорачано и на претходната влада. Ваков допис од Кебриџ интернационал бил испратен уште во 2016 година во кој изразиле загриженост за брзањето со воведување на оваа програма во средните училишта.

Ова го соопшти денеска министерката за образование и наука Рената Тренеска Дескоска на прес-конференција по повод отчетот за работата во првите 100 дена во овој ресор.

– Една од мерките што ја донесовме во првите 100 дена беше одложувањето на Кембриџ програмата  во средното образование. Веднаш по донесувањето на таа одлука од Кембриџ интернационал, бев информирана дека и тие со свои дописи уште во 2016 година изразиле загриженост за брзањето со воведување на оваа програма во средните училишта и со начинот на избор на учебниците, рече министерката.

Таа додаде дека во дописите Кембриџ предупредува дека за реформи во средното образование треба повеќе време и укажуваат дека е многу веројатно дека Кембриџ програмата нема да може да почне од септември 2017 година. Дури, како што истакна, и тие предлагале одложување на програмата за 9. одделение за една година.

Посочи дека во второто писмо Кебриџ интернационал укажува дека е потребно време од 18 месеци до 2 години и за адаптација на учебниците, а со оглед на тесните рокови во кои тоа се прави во Македонија, процесот содржи многу слабости.

– За жал, во тој процес воден од претходната влада, процес во кој биле игнорирани предупредувањата од самиот Кебриџ, штета им била нанесена и на учениците и на наставниците, но и на угледот на Кембриџ,  рече Тренеска-Дескоска.

Во отчетот за сработеното во првите 100 дена, министерката посочи дека покрај скенирањето на затекнатата состојба преземени се и серија активности насочени пред се кон отстранување или минимизирање на штетите од погрешните политики на претходната влада, активности насочени кон остварување на тековните работи во рамките на ресорот и активности насочени кон вршење реформи предвидени во програмата на новата Влада, реформи кои треба да придонесат за подигнување на квалитетот на образованието.

Го напомена укинувањето на екстерното, одредени дисперзирани студии по барање на универзитетите и воведувањето нови студиски програми кои претходната влада ги имала ставено во мирување.

Информираше дека се подготвува нов закон за високо образование, дека се одобрени нови вработувања на високо образован кадар на државните универзитети, како и вработувања во неколку основни и средни училишта со цел намалување на бројот на ученици во паралелеките.