Кениската полиција уапси осомничен сериски убиец во врска со откривањето на осакатени женски тела на депонија во Најроби, известуваат во понеделникот агенциите, наведувајќи дека тој е осомничен за убиство на повеќе од 40 жени.
Полицијата го уапсила 33-годишниот осомничен в неделата додека го гледал финалето на Европското фудбалско првенство во кафуле, соопштија истражителите. Оттаму соопштија дека осомничениот го признал убиството на 42 жени. Според истражителите, тој по убиството ги распарчувал и ги ставал деловите од телото во најлонски кеси и ги фрлал на депонија во поранешниот каменолом.
„Тој е психопат, сериски убиец без никакво почитување на човечкиот живот“, изјави Мохамед Амин, шеф на одделот за криминалистичка истрага.
Минатиот петок беше покрената истрага откако човечко тело беше пронајдено на депонија. До неделата полицијата пронашла останки на девет жени, на возраст меѓу 18 и 30 години.
Националната полиција на Кенија потврди во понеделникот дека уапсила 33-годишен маж кого го нарекува „психопатски сериски убиец“, наведувајќи дека осомничениот Колинс Џумаиси Калуша, признал дека убил 42 жени, вклучително и неговата сопруга, за која велат дека ја признал како прва жртва.
Мохамед Амин, началник на кенискиот национален Директорат за криминални истраги, рече дека Калуша убил некои од своите жртви само четири дена пред неговото апсење, но дека неговиот грозоморен поход започнал во 2022 година.
Осомничениот, наводно, се обидувал да намами уште една жртва, но тоа била припадничка на полицијатата која е идентификувана само како Сузан, кога бил уапсен.
Инспекторите му влегле во трага користејќи го мобилниот телефон на неговата последна жртва. Тој наводно живеел на само 100 метри од депонијата. Во неговиот стан биле пронајдени лични работи на настраданите, мачета и најлонски кеси. Во моментот на апсењето, тој демнел нова жртва, велат истражителите.
Не е јасно како никој од соседите или полицајците во блиската полициска станица не забележал ништо сомнително. Генералниот инспектор на кениската полиција го отповика целиот тим од таа станица и го замени со нов.
„Имаме втор осомничен кој беше фатен со една од слушалките на една од жртвите“, додаде Амин, без да даде дополнителни информации за идентитетот на второосомничениот или како се верува дека тие се поврзани со убиствата.
Депонијата сѐ уште се пребарува, а полицијата ги повикува семејствата на исчезнати лица да се обратат до најблиската полициска станица. Организациите за човекови права истовремено бараат да се формира досие за исчезнати лица во Кенија.