Кенискиот атлетичар Кембои пронајден мртов

Клемент Кембои, 32-годишниот кениски спортист и поранешен африкански шампион на 3.000 метри стиплчез, е пронајден мртов, објавија локалните медиуми.

Станува збор за нов смртен случај во кениската атлетика, само два дена откако почина 26-годишниот Кипјегон Бет, бронзен медалист на 800 метри на Светското првенство во 2017 година. Бет починал од откажување на бубрезите и црниот дроб.

Причината за смртта на Кембои сѐ уште не е официјално потврдена, иако локалната полиција најави дека е потенцијално самоубиство. Неговото мртво тело било пронајдено врзано за дрво во близина на средно училиште. Кениските медиуми претходно пишуваа за депресијата низ која поминува овој поранешен голем спортист и дека се борел со зависноста од коцкање.

Ова е петти смртен случај во кениската атлетика во последниот месец. Претходно починаа и 53-годишниот Самсон Канди, поранешен победник на Виенскиот маратон, 20-годишниот тркач Вили Челава и 64-годишниот Илија Биток.