Американскиот државен секретар Џон Кери допатува од Женева во Бостон, каде денес ќе му биде оперирана ногата која ја скрши во Франција додека возеше велосипед, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Кери (71) од Женева леташе во специјален воен авион и веднап шп слетувањето беше префрлен во Општата болница Масачусец, соопшти портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби.
Тој допатува во придружба на неговиот ортопедски хирург Денис Бурк и повеќе членови на медицинскиот персонал.
Американските власти тврдат дека повредата нема да го спречи Кери да учествува во преговорите со Иран за нуклеарната програма, а Кери му порача на францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабијус дека телефонски ќе учествува на самитот во Париз каде ќе се соберат претставници од 10-тина земји за да разговараат за стратегијата и коалицијата во борбата против ИД.
Кирби наведе дека Џон Кери ќе биде опериран во текот на денот.
Инаку, Кери пред полетувањето од Женева на Твитер изрази оптимизам по повод неговото заздравување: „Се радувам на брзото оздравување и враќањето на работа во Стејт департментот. Во меѓувреме продолжувам со работа. Многу им благодарам на сите што ми посакаа брзо оздравување“.
фото: telegraph.co.uk