Меѓу 26-те членови на Стратешкиот совет за надворешна политика, како советодавно тело на Министерството за надворешни работи (МНР), се најдоа имињата на Валентина Божиновска и Срѓан Керим, потврди министерот Бујар Османи.
Членови на советот се и Драган Тилев, Тони Поповски, Андреја Стојковски, Марјан Ѓуровски, Нано Ружин, Денко Малески, Марко Трошановски, Ивана Туфегџиќ, Луан Старова, Мухамед Халили, Гордан Горгиев, Лазар Еленовски, Живко Мукаетов, Виктор Габер, Ајдован Адемовски, Ризван Сулејмани, Абдулемнаф Беџети…
– Ова ќе биде советодавно тело на Министерството за надворешни работи. Се работи за квалитетни луѓе, добри познавачи на надворешната политика. При изборот внимавав да добиеме широка експертиза, да бидат лица кои се ослободени од притисокот на дневната политика. Спремен сум да ги вкрстиме различните ставови за да изградиме заеднички став – рече министерот Османи денеска на прес-конференција.
Како што кажа Османи, членовите нема да земаат паричен надомест за ова нивно ангажирање.
Керим е поранешен министер за надворешни работи. Тој како сопственик на Медиа Принт Македонија (МПМ) е осомничен во случајот на СЈО за кривични дела за пропаднатата МПМ. Тој не присуствувал на денешниот Совет, бидејќи е во Хрватска.