Ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери и синот на архитектот близок до власта, Мирослав Грчев, добија вработувања во државната „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ). Нивните работни места не беа огласени и примени се без конкурс, што дополнително ја зовре јавноста во ситуација кога се бара чесност, непристрасност и транспарентност по промената на власта пред десетина месеци, објави Независен весник.
Од ЕЛЕМ потврдуваат дека своите редови ги засилиле со Димитар Грчев и Бесија Џафери објаснувајќи оти сѐ е чисто и законски.
„Примени се преку Агенцијата за вработувања, а во такви случаи тоа значи дека тие не се вработени во ЕЛЕМ, туку ни се отстапени од Агенцијата. Конкретно, нивниот договор е од 5 април и трае до 31 декември, односно до крајот на годината. Колегата е на место инженер за животна средина, а колешката е референт за правни работи. За овој тип вработувања не е потребно да се распише оглас бидејќи се привремени. Хипотетички, доколку по истекот нивните договори бидат продолжени на неопределено, тогаш ќе мора работните места да се огласат. Уште една работа: без оглед што договорите за вработување им се привремени, и за нив мораше да се добие согласност од Министерството за финансии“, велат од ЕЛЕМ за Независен.
Откако веста за нивното вработување допре до јавноста, Димитар Грчев на својот профил на Фејсбук напиша: „Да, работам за ЕЛЕМ. Благодарам за интересот, дефинитивно го немаше кога работев во фабрика во Штип“.