Кешишев се предомисли, Палчо не бил со нив кога се случиле убиствата

Пресвртница на денешното рочиште за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Обвинетиот Влатко Кешишев доставил изјава преку затворот до судот, во која тврди дека првообвинетиот Љупчо Палвески Палчо не бил со другите обвинети кога се случиле киднапирањата и убиствата, туку спиел во штабот на партијата Десна

Кешишев тврди дека едниот од обвинетите, Велибор Манев, им се заканувал и вршел притисок првично да каже дека Палевски е организатор и дека тој пукал. Според неговата нова изјава, само тој, Боре Видевски и Манев биле заедно на местата на настаните во Велес и Скопје.

На крајот од денешното рочиште на кое сведочеа тројца сведоци, судијата ја подели писмената изјава на Кешишев на адвокатите на сите обвинети. За оваа изјава не беше запознаен ниту адвокатот на Кешишев.

Адвокатите не ја коментираа изјавата, само рекоа дека сите обвинети ќе се соочат еден со друг во текот на судењето и дека тогаш ќе се расчисти работата.

Денеска сведочеше и Стефан Димковски, основач на партијата Десна и човек кој од Србија преку Бугарија, со кола го однел Палевски до Турција.

Палевски му се јавил на први декември лани, откако според обвинението, на 27 ноември ја киднапирал, убил и веќе ја закопал и Вања.

„Ми рече да го земам од Србија, да го вратам назад во Скопје“, сведочеше Димковски кој потоа, откако Палевски сменил план, го одвезол во Беликесир, Турција.

„Јас стигнав околу 16 часот во Белград. Го зедов од хотел во центарот. Веднаш тргнавме назад кон Скопје. И некаде по пат застанавме на ручек, бидејќи јас бев гладен. Додека се возевме, ми кажа дека бил во Белград да договори нешто за 12-ти декември, кога требаше да биде годишнина од партијата“, одговараше сведокот.

Но, Палевски го сменил планот. Му кажал, да не чекаат лет за Истанбул за утре, туку ако е одморен, да го префрли со кола до Истанбул“.

Палевски во Турција купил нова сим-картичка и изнајмил куќа за 3 месеци.

Пред да замине од Турција, Димовски забележал дека Палевски е вознемирен. Го прашал што му е, му кажал дека имало апсење, полицијата го истражува пикапот и дека го мешаат и него. Му наброил кои од партијата Десна ги уапсиле, па ги пуштиле. Палевски му кажал дека „го местат“.

Судењето продолжува в понеделник.