Кешишов ја однел полицијата до телото на Вања – Ако дознае Палчо ќе ме убие!

Кога Влатко Кешишов бил уапсен, по сомнежи за исчезнувањето на велешанецот Панче Жежовски, тој полицијата ја однел до телото на Вања Ѓорчевска.

Како што денеска сведочеше началникот од МВР, Музафер Каришиќ, кој во тоа време бил заменик-началник, Кешишов му рекол дека ќе го однесе да му покаже нешто. Барал да одат сами, затоа што се плашел од другите, а постојано велел дека ако дознае Палчо – ќе го убие.

Влатко Кешишов, кажа ќе ме однесе некаде за да ми покаже нешто. Бараше да одиме сами, се плашеше од останатите. Велеше, ако дознае Палчо ќе ме убие. По кратко убедување, се согласи и рече одиме. Не однесе до запаленото возило, до цитроенот. Ние веќе знаевме за возилото. Таму разговаравме. Сакаше да каже нешто, па не сакаше, се премислуваше. Па рече, ајде ќе ве однесам. Возевме по негови насоки и рече излезете. Широк огромен простор, кој служи како депонија. Пак сакаше да каже нешто, па велеше не можам, не можам. Тргна кон возилото, па се врати и рече ајде. Каде одиме, го прашав. Ми посочи со главата, имаше перници, душеци. Не покажуваше со рака, со глава. Рече: „Таму, кај перниците“. Потоа продолжи: ,,Ама јас стоев 20-30 метра од нив”.
Почнавме да копаме. Го замоливме да посочи каде точно. Посочи едно место. Рече: „Тука ја фрлија“.