Зоран Милевски -Кичеец, еден од осомничените во истрагата за „Рекет“ кој се наоѓа во притвор, се бранел со молчење, кога требало пред обвинителката Вилма Русковска да даде исказ, пишува „Фокус“ , повикувајќи се на извори од одбраната.
Иако Кичеец цели три часа се задржа во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, сепак тој го искористил своето право да молчи.
Можно е со истата стратегија на молчење да се „брани“ и осомничениот Бојан Јовановски, бидејќи тој се уште не ги видел доказите кои обвинителството ги има против него.
За истрагата „Рекет“ досега сведочеле голем број на сведоци, меѓу кои и обвинителките Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, нивниот колега Бурим Рустеми, како и шефицата на кабинет на Катица Јанева.
Шефицата Јанева, пак само еден ден откако сведочеше, ја доби улогата на осомничена, поради што заврши во 30-дневен притвор.
Осомничените Јовановски и Милевски се гонат бидејќи наводно земале 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, кој за возврат „добил“ домашен притвор и времен пасош, а наводно требало и да се спаси од кривичен прогон за случајот на СЈО, „Империја“. Сето тоа, пак според обвинителството, се одивало со амин на обвинителката Јанева.