Киев бара од Берлин крстосувачки ракети

Украина побарала од германската влада да ѝ испорача крстосувачки ракети „Taurus“, во сѐ почестите обиди на Киев да напаѓа цели длабоко во заднината на фронтот или дури на руска територија.

Барањето на Киев е примено пред неколку дена, изјави во петокот вечерта портпаролката на германското Министерство за одбрана. Сепак, деталите од барањето, вклучително и количеството оружје што го бара Киев, остануваат нејасни.

Пред неколку дена, Родерих Кизеветер, претставник на опозицијата од редовите на демохристијаните во германскиот парламент го поддржа испраќањето на таквото вооружување.

„Наведуваните проектили со дострел до 500 километри ќе ѝ овозможат на нападнатата земја да ја гаѓа руската воена инфраструктура далеку зад линијата на фронтот“, рече тој.

Веста за барањето дојде откако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека продолжува да бара поддршка од западните партнери.

„Ќе направиме сѐ што е можно и невозможно да ја забрзаме испораката на нови, поквалитетни системи за противвоздушна одбрана во Украина“, рече тој во петокот во вообичаеното ноќно видео обраќање, додавајќи дека тоа е „буквално секојдневна тема во соработка со партнерите“.

Украина постигнува побрз напредок во модернизацијата на одбраната отколку што можеше да се предвиди пред шест месеци, рече тој.