Киев бара од Цариград новата украинска црква да стане патријаршија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека Киев работи на добивање патријархален статус на „Православната црква на Украина“ (ПЦУ), расколничка црква поддржана од украинската влада.

Зборувајќи за новинарите, Зеленски откри дека за ова разговарал со делегација на бискупи од Цариградската патријаршија на крајот на август. Архиереите, наводно, имаат „визија за акционен план“, но за тоа прашање сè уште чекаат разговори со цариградскиот патријарх Вартоломеј.

„Реков дека нашиот народ, Украинците, ќе разберат ако статусот се подигне на ранг на патријаршија. Црковните великодостојници ја прифатија информацијата и ќе му ја пренесат на вселенскиот патријарх Вартоломеј и тие ќе разговараат за тоа“, рече Зеленски.

Во август, Зеленски потпиша контроверзен закон со кој се забрануваат верски организации осомничени дека имаат врски со Русија. Се верува дека законот првенствено е насочен кон единствената канонска православна црква во земјата, Украинската православна црква (УПЦ), која е и најголемата христијанска деноминација во Украина и е под покровителство на Московската патријаршија.

Со почетокот на конфликтот меѓу Киев и Москва, УПЦ ги прекина своите врски со Московската патријаршија, нагласувајќи ја нејзината независност од Руската православна црква. Тоа, сепак, не ја спаси од зголемениот притисок на украинските власти, кои постојано ја обвинуваа дека сè уште е поврзана со Русија.

Соочувајќи се со различни притисоци во земјата и многу години пред почетокот на Специјалната воена операција, УПЦ претрпе голем удар кога во 2018 година е создадена Православната црква на украина (ПЦУ) со помош на тогашниот претседател Петро Порошенко.

ПЦУ, за која Зеленски се залага да биде подигната на ранг на патријаршија, беше создадена од неколку расколнички православни цркви во Украина, а вселенскиот патријарх Вартоломеј го даде Томосот за автокефалност. Овој потег предизвика големи поделби во православниот свет и поради тоа Москва ја прекина канонската заедница со Константинопол.

Мнозинството православни цркви, вклучително и древните патријаршии на Ерусалим и Антиохија, како и Српската православна црква, не ја признаваат ПЦУ.

ПЦУ е во ранг на митрополија и според томосот што го добила од Цариградскиот патријарх е во многу подредена положба во однос на Вселенската патријаршија.

Нејзината автономија е многу ограничена и практично е подредена на Вселенскиот патријарх, за разлика од канонската УПЦ која уживаше најширока автономија добиена од Московската патријаршија.