Киев мора да донесе тешки одлуки за мобилизацијата

Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека прашањето за мобилизација е од критично значење за Украина и дека владата во Киев мора да донесе тешки одлуки.

„Мобилизација. Ова е критично, бидејќи дури и со пари, дури и со муниција, мора да има луѓе на првите линии“, им рече тој на новинарите во Брисел. „Украина треба да донесе тешки одлуки за понатамошна мобилизација, но тоа се неопходни одлуки.

Тој додаде дека САД се посветени да дадат сѐ од себе за да ги обучат украинските војници и да им обезбедат оружје.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, кон крајот на ноември изјави дека Соединетите Држави се подготвени да ги прошират можностите за обука на украинските вооружени сили доколку Киев преземе мерки за справување со недостигот на работна сила. Кирби, исто така, потврди дека САД сè уште имаат намера да ја снабдуваат Украина со муниција и оружје.

Општата мобилизација во Украина беше најавена во февруари 2022 година и оттогаш неколкупати беше продолжена. На 18 мај 2024 година во земјава стапи на сила законот за заострување на мобилизацијата. Сепак, во последниве месеци, темпото на надополнување на украинските вооружени сили е забавено и се појави прашањето за критичниот недостиг на работна сила во армијата. Во овој поглед, вработените во територијалните центри за регрутирање почнаа почесто да вршат принудни мобилизации. Поради тоа зачестија спонтаните протести на населението против постапките на воените офицери.