Киев открил руски шпиони во украинскиот воен штаб

Укранската разузнавачка служба СБУ објави дека открила руска шпионска мрежа во главниот штаб на украинските вооружени сили.

Еден од шпионите дури и бил вработен во главниот штаб на украинската војска, тврди Олексиј Арестович, советник на претседателот Владимир Зеленски, во објавата од неделата ноќта.

Како што пренесеува украинската новинска агенција Укринформ, Арестович не дал поединости за тоа колку шпиони имало во руската мрежа. Но тој ja навел наводната цел на таа група.

„Другарите требало да урнат патнички авион над Русија или Белорусија па да ја префрлат одговорноста врз Украина“, тврди Арестович и додал дека за тој план требало да се користат противвоздушни проектили на украинската војска.

Во моментов од Европа кон Русија летаат само воздухопловни компании од Србија и Турција, откако земјите во Европската унија забранија прелети на руските авиони во нејзиниот воздушен простор а европските компании ги прекинаа летовите кон Русија.

Српските воздухопловни власти на почетокот од април предупредија на низа инциденти од кои драматичен бил летот на „Air Serbia“ од Москва кон Белград, кога под патничкиот авион во близна на границата со Литванија е регистриран ловец со ознаки на земја членка на НАТО во рускиот воздушен простор. Според воздухопловните стручњаци, станува збор за опасна маневра на воениот авион којашто требало да испорвоцира погубна реакција на руската противвоздушна одбрана со цивилни жртви.

Исто така, српскиот претседател Александар Вучиќ подоцна кон средината на април ја обвини Украина и неименувана земја на Европска унија за пласирање на повеќе од дванаесет лажни дојави за поставени бомби во патничките авиони на српската воздухопловна компанија „Air Serbia“ од крајот на февраури.