Киев подготвува 12 бригади за офанзивата во мај, пишува NYT

Властите во Киев подготвуваат 12 бригади за почетокот на долгонајавуваната противофанзива која е одложена за мај, пишува весникот The New York Times, повикувајќи се на еден од доверливите документи на американски Пентагон кои минатиот месец протекле на интернет.

„Украина се подготвува да ја започне противофанзивата проти руските трупи веќе следниот месец (…) Според објавените документи на Пентагон, кои даваат увид за распоредот на активностите на Киев, 12 украински борбени бригади од по околу четири илјади војници ќе бидат подготвени до крајот на април“, го парафразира NYT посочениот документ.

Натаму во текстот се наведува дека САД и сојузниците од НАТО се активно ангажирани со обуката и опремувањето со оружје и опрема на девет од 12-те украински бригади. Според весникот, неочекувано Киев споделува со Вашингтон многу малку од деталите од својот оперативен план, но се очекува дека најавената операција ќе се одвива во јужен правец, вклучително и по должината на крајбрежјето на Азовското Море.

Таму се наоѓа големиот пристанишен град Мариупол кој по превратот во Киев во 2014 година прво беше под контрола на проруските бунтовници од одметнатиот регион Луганск, а следната година го заземаа украинските сили и го држеа до повеќемесечните борби со руските единици ланската пролет по почетокот на руската инвазија во Украина. Аналитичарите сметаат дека намерата е да се прекина копнената поврзаност на црноморскиот полуостров Крим кој по 2014 година мина во составот на Руската Федерација, но се поделени во однос на можноста украинските сили да бидат ефикасни бидејќи според овие податоци станува збор за 48.000 војници, кои треба да ги напаѓаат руските позиции каде се поставени две или три линии на одбраната.

Американските функционери не веруваат дека офанзивата на украинската војска ќе доведе до поголема примена на ситуацијата на боиштето во полза на Украина, пишува NYT. Особено затоа што интензивните речиси шестмесечни жестоки борби во и околината на градот Бахмит на границата со отцепениот украински регион Доњецк довеле до намалување на резервите на муниција и големи загуби во жива сила. Уште од крајот на 2022-ра медиумите објавуваа дека американските функционери го повикувале Киев да ги повлече елитните единици од Бахмут и да ги чуваат за претстојната пролетна противофанзива.

„Во тој поглед, најверојатниот исход и натаму би бил ќорсокак“, заклучува весникот повикувајќи се на споменатиот таен документ.

Досега повеќепати од разни неименувани западни и украински извори во јавноста се појавуваа процени за тоа кога може да започне украинската контраофанзива. Западните воени аналитичари предупредуваат дека таа не може да започне ефикасно сѐ додека украинската армија не биде снабдена со соодветни вооружувања, во прв ред борбени летала и оклопни возила во прв ред тенкови, како и артилерија со долг дострел. Руската страна, пак, оценува дека станува збор за веројатна кампања на дезинформации во кои намерно се даваат лажни податоци за бројноста на украинските трупи и можните правци на напад.