Киев се заканува со ракетирање локации во Русија од кои наводно се лансирале ирански проектили

Јуриј Ихнат, портпарол на украинските воздухопловни сили, на конференција во Киев изјави дека Украина би можела да ги гаѓа наводните ирански проектили на нивните локации за лансирање, кои се наоѓаат длабоко во Русија, што сигурно би довело до опасна ескалација на војната

„Тие мора некако да се уништат, веројатно од местото каде што се лансирани, затоа што немаме ефективни средства за борба против балистичките проектили, освен нивното физичко уништување во фазата на лансирање“, посочува портпаролот.

Ихнат рече дека иранските проектили имаат „дострел од 300 до 700 километри, што во принцип нема да биде ништо ново за Украина, бидејќи руските проектили „Искандер“ со сличен дострел се користат уште од првиот ден на војната“.

„Мислам дека и врвот на армијата и нашите партнери работат на ова прашање, барајќи ефективни начини да се спротивстават на овие нови закани“, потенцираше Ихнат.