Киев за враќање на контролата над Северодонецк, Москва за големи загуби на украинската војска

Украинските сили сакаат „да ја вратат целосната контрола“ над Северодонецк, стратешки важен град на прорускиот исток на Украина, каде продолжуваат уличните борби, објави доцна ноќта во саботата именуваниот од Киев градоначалник Олександр Стрјук, откако претходно шефот на рускиот Национален центар за управување со одбраната, генерал-полковникот Михаил Мизинцев објави дека некои единици на украинските трупи загубиле и до 90 отсто од својот персонален состав во битките за градот и оти отстапуваат кон Лисичанск.

Руските сили „остварија одреден успех, влегоа во градот, заземаа добар дел од него и го пресекоа на пола. Но нашите војници успеаја да се прегрупираат и да воспостават линија на одбраната. Моментално правиме сѐ за да ја вратиме целосната контрола на Украина“ над градот, изјави градоначалникот Струк во разговор за ситуацијата во Севердодонецк за украинската телевизија објавен на Telegram каналот.

„Ситуацијата е навистина тешка, правиме сѐ за да го потиснеме непријателот од градот, уличните борби продолжуваат, проследени со постојан артилериски оган. Нашите вооружени сили веруваат дека ќе успеат“, рече Стрјук.

„Продолжуваат борбите за целосна контрола над Северодонецк“, изјавија на редовната вечерна прес-конференција генералштабот на украинската армија, без да наведе други поединости.

Руското министерство за одбрана претходно доцна вечерта објави дека украинските сили започнале да се повлекуваат кон блискиот град Лисичанск, поради „критичните загуби“ во жива сила до 90 отсто од персоналниот состав,

„Единиците на Вооружените сили на Украина, коишто претрпеа критични загуби (во Северодонецк), се повлекуваат во правец на Лисичанск“, рече генералот Мизинцев,

Според него, властите во Киев ѝ наредиле на комбинирана тактичка група да минира контејнери со сто тони шалитра и киселина во Северодонецк со цел да се забави напредувањето на руските сили „со создавање зона на хемиска контаминација“.

Мизинцев истакна дека во спроведувањето на планираната провокација, Киев планира да ги обвини руските сили за создавање наводна техногена еколошка катастрофа за што веќе се подготвени материјали во украински и западни медиуми.

На почетокот од седмицата, Едуард Басурин, заменикот челник на силите на одметната „народна република“ во Доњецк, изјави дека проруските сили со поддршка на руските единици очекуваат дека за неколку дена да ја потиснат во опкружување групацијата единици на Вооружените сили на Украина во областа на Северодонецк.

Истовремено, таканаречениот амбасадор на Луганск во Москва, Родион Мирошник, изјави дека продолжуваат борбите на територијата на големиот хемиски комбинат „Азот“ крај Северодонецк, но дека операцијата на проруските сили е забавена поради стравувањата дека украинските единици таму како „жив штит“ држат стотици цивили, како и дека таму има минирани контејнери со хемикалии. Сепак, истакна дека „тука нема да има втор Азовстал“, алудирајќи на ситуацијата во големиот утврден металуршки комбинат крај јужниот пристанишен град Мариупол, каде речици цел месец неколку илјади украински борци и околу илјада цивили.

Проруските сили со поддршка на руската војска настојуваат што поскоро да воспостават контрола над целата административна територија над рударскиот басен Донбас кој ги опфаќа Доњецкиот и Луганскиот регион, доминантно руски и рускојазични области, кои проруските сепаратисти значително ја контролираа по превратот во Киев во 2014 година. Северодонецк и блискиот Лисичанск, кои се на 80 километри од украинскиот административен центар Краматорси, се клучни за остварување на тој план.