Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун му испратил писмо на рускиот претседател Владимир Путин по повод неговиот 70-ти роденден во кој ги фали неговото водство против „предизвиците и заканите“ од САД, објавиле во петокот државните медиуми во Пјонгјанг а пренесува јужнокорејската новинска агенција Yonhap.
Во писмото Ким, исто така, изразува пофалби за „значителни постигнувања во достигнувањето на големата стратешка цел за градењето моќна Русија“, објавила службената Корејска централна новинска агенција (KCNA).
„Денес Русија доследно го брани достоинството на државата и своите темелни интереси од предизвиците и заканите од страна на САД и нивните вазални сили… Таквата стварност е незамислива без Вашето истакнато водство и силната волја“, напишал Ким според цитатот на KCNA.
Ким додал дека заедничката поддршка и соработка меѓу Пјонгјанг и Москва се „зајакнати како никогаш досега“ во борбата за развојот на традиционалните билатерални врски според договорот склучен на нивниот прв самит во Владивосток, на Далечниот исток на Русија во 2019 година.
Тогаш Ким изрази надежи дека нивните лични врски ќе имаат поголема улога во стабилниот развој на односите меѓу двете земји. Северна Кореја неодамна ги истакна своите блиски врски со Русија среде заладените односи со Јужна Кореја и повеќегодишниот застој во нуклеарните преговори со САД.