Девојчето кое седна меѓу претседателот Ким Јонг Ун и неговата сопруга на воениот банкет во Северна Кореја веројатно е неговата „омилена“ 9-годишна ќерка, Џу Ае, пишува Си-Ен-Ен. Аналитичарите велат дека нејзиното присуство на настанот значи дека можеби претседателот се одлучил за својот наследник, укажувајќи дека лани во ноември таа присуствуваше на тестирањето на нуклеарен проектил.
Сликите објавени од државниот весник „Родонг Синмун“ го прикажуваат девојчето како оди покрај Ким и нејзината мајка Ри Сол Џу додека влегувале, а воените офицери аплаудираат. Годинава се навршуваат 75 години од основањето на Корејската народна армија.
– Со оглед на тоа, веќе нема сомнеж дека Ким Џу Ае е назначена за наследничка на Ким Јонг Ун и неопходно е да се обрне внимание на тоа како ова ќе влијае на внатрешната и надворешната политика на Северна Кореја на среден и на долг рок и како народот на Северна Кореја ќе го прифати доаѓањето на четвртата генерација – вели Чеонг Сеонг-чанг, висок аналитичар во Институтот Сејонг во Јужна Кореја.
Други велат дека како и појавувањето на девојчето на тестот на интерконтиненталната балистичка ракета во ноември, ова е само начин претседателот да покаже дека династијата ќе биде присутна во земјата. Се смета дека Ким со сопругата имаат три деца, а дека едно од нив е постар брат на девојчето.
Владеењето на семејството Ким во Северна Кореја се протега од 1948 година, кога Ким Ил Сунг дојде на власт по Втората светска војна. Кога тој почина во 1994 година, неговиот син Ким Џонг Ил ја презеде контролата. Во 2011 година власта му припадна на внукот, Ким Јонг Ун.
Во последните години гласни станаа острите изјави на сестрата на Ким Јонг Ун, Ким Јо Џонг која исто така полага право да ја наследи власта и е меѓу 10-те најмоќни луѓе во државата.