Ким Џонг-ун ги обвини САД за провокации и зголемување на тензиите

Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун ги обвини САД за провокации и ескалација на тензиите, велејќи дека Корејскиот полуостров никогаш не се соочил со такви ризици од нуклеарна војна како сега, објави во петокот државната новинска агенција KCNA.

„Никогаш досега завојуваните страни на Корејскиот полуостров не се соочиле со толку опасен и акутен конфликт што може да ескалира во најразорната термонуклеарна војна“, рекол Ким во говорот на изложбата на оружје во Пјонгјанг во четвртокот.

Исто така рекол дека од неговото претходно искуство во преговорите со Вашингтон, добил само дополнителна потврда за неговата „агресивна и непријателска“ политика против Пјонгјанг.

„Во преговорите со САД веќе отидовме колку што можевме, но она во што се уверивме од резултатите не е подготвеноста на суперсилата за коегзистирање, туку нејзиниот основен однос на моќ, како и нејзината агресивна и непријателска политика кон нас, која никогаш не може да се промени“, рекол Ким, кого го цитира KCNA.

За време на првиот мандат на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, тој и Ким одржаа три средби во Сингапур, Ханој и на корејската граница во 2018 и 2019 година. Но, нивните дипломатски напори не постигнаа конкретен исход поради разликите меѓу американските повици за Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје и барањата на Ким за укинување на санкциите, потсетува Reuters.

Трамп долго време ги промовираше своите врски со Ким, велејќи минатиот месец дека двете земји „ќе имаат нуклеарна војна со милиони убиени луѓе“, но го запрел благодарение на нивниот однос.

Севернокорејските државни медиуми сè уште јавно не го спомнаа реизборот на Трамп за претседател на САД.

Во говорот во четвртокот, Ким повикал на развој и надградба на оружјето до „ултрамодерно“ и ветил дека ќе продолжи да ги подобрува одбранбените способности за да ја зајакне стратешката позиција на земјата, објави KCNА од настанот на кој биле претставени стратешкото и тактичкото оружје.

Последниот говор на Ким дојде во време на меѓународна критика за продлабочување на воената соработка меѓу Пјонгјанг и Москва, при што Северна Кореја наводно испратила повеќе од 10.000 војници во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина.

Овој наратив на Киев и НАТО, кои никогаш не презентираа докази за наводното распоредување на севрнокорејски војници во руската погранична област Курск во која сѐ уште има украински војници, Москва и Пјонгјанг ниту го негираат, ниту го потврдуваат но порачуваат декат тоа би било врз основа на билатералниот договои во согласност со меѓународното право.

Минатата седмица, Ким ја повика својата војска да ги подобри способностите за војување, обвинувајќи ги САД и нивните сојузници за поттикнување на тензиите до „најлошата фаза во историјата“, нарекувајќи го Корејскиот полуостров „најголемата точка на согорување на светот“.