Ким Џонг-ун ѝ го честиташе јубилејот на британската кралица Елизабета Втора

Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун, на британската кралица Елизабета Втора ѝ го честиташе нејзиниот јубилеј 70 години на чело на престолот, објави во петокот во Пјонгјанг министерството за надворешни работи.

Во Обединетото Кралство во четвртокот започна одбележувањето на рекордните 70 години на престолот на кралицата.

„Ви ги упатувам своите честитки, Вам и на Вашиот народ, по повод националната прослава во вашата земја“, напишал меѓу другото Ким во пораката.

Лондон и Пјонгјанг воспоставија дипломатски односи во 2000 година. Двете земји ги задржаа амбасадите и покрај влошувањето на односите меѓу Северна Кореја и западните земји поради нејзините нуклеарна и ракетна програма. Во моментов британската амбасада во Пјонгјанг е затворена поради строгите епидемиолошки мерки поврзани со Covid-19.

Минатата година севернокорејската службена новинска агенција KCNA објави дека кралицата Елизабета Втора на Ким Џонг-ун на 9-ти септември му ја честитала годишнината од основањето на Северна Кореја.