Оклопниот воз со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун преминал на руска територија пред самитот со претседателот Владимир Путин, потврди во вторникот во раните утрински часови портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно во текот на денот, новинската агенција Кјодо цитираше локални руски извори кои рекоа дека возот на Ким се движел на север по должината на брегот, откако застанал на железничката станица Хасан на севернокорејско-руската граница. Подоцна, РИА Новости објави дека тој ја преминал реката Раздолнаја, недалеку од Владивосток.
Владимир Путин пристигна во Владивосток во понеделникот во дводневна посета за да присуствува на Источниот економски форум.
Коментирајќи ја агендата на руско-севернокорејскиот самит, Песков не прецизираше каде на Далечниот исток ќе се водат разговорите. Тој рече дека преговорите ќе се водат и со присутни руска и севернокорејска делегација и во формат еден на еден. Тој додаде дека ќе има официјален прием во чест на Ким, но не се планирани прес-конференции.
Претстојните разговори треба да се фокусираат на голем број „чувствителни прашања“, како и билатерална економска и културна соработка, како и целокупната ситуација во регионот, рече портпаролот на Кремљ. Претходно овој месец, Њујорк Тајмс објави, цитирајќи западни претставници, дека Ким сака да разговара за натамошната воена соработка со неговиот руски колега.
Покрај ова, рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко не исклучи дека Путин и Ким ќе разговараат и за прашањето за руската хуманитарна помош за Северна Кореја.
Последната средба меѓу Путин и Ким се одржа во Владивосток во 2019 година. Тогаш разговорите беа фокусирани на денуклеаризацијата, ситуацијата на Корејскиот полуостров и голем број билатерални прашања.
Посетата на севернокорејскиот лидер на Русија доаѓа во време на зголемени тензии на Корејскиот полуостров, каде што се забележуваат повторливи лансирања на проектили од Пјонгјанг, како и воени вежби во кои учествуваат јужнокорејски и американски војници.