Ким прогласи победа во борбата со Covid-19

Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун прогласи во средата „очигледна победа“ во борбата со Covid-19 откако и самиот се разболе од оваа коронавирусна болест откри неговата сестра, обвинувајќи ја Јужна Кореја за ширење на епидемијата во нејзината земја.

На средбата со здравствените работници и научниците Ким Џонг-ун изразил задоволство поради „победата (….) во борбата со лошата пандемска болест“, извести севернокорејската службена новинска агенција KCNA.

„Победата на нашиот народ е историски настан кој уште еднаш му ја покажа на светот големината на нашата земја, неверојатната отпорност на нашиот народ и убавите национални обичаи со кои се гордееме“, додал Ким кого го цитира агенцијата.

Северна Кореја, којашто беше меѓу првите земји во светот кои во јануари 2020 година ги затворија границите по јавување на коронавирусот во соседна Кина, го пријави првиот случај на Covid-19 на 12-ти мај, а Кин Џонг-ун лично го надгледуваше сузбивањето на епидемијата. Од 29-ти јули Пјонгјанг не пријави ниеден нов случај на инфекција.

Северна Кореја од крајот на април годинава регистрирала речиси 4,8 милиони „случаи на треска“, што е израз кој се употребува за Covid-19 и само 74 смртни исходи, што е официјална стапка на смртноста од 0,002 отсто, наведува KCNA.

Управувањето на епидемијата е „чудо досега невидено во светската историја на јавното здравје“, истакнал Ким, што било проследено со громоглаен аплауз, пренесува натаму агенцијата.

Ким Јо-Џонг, влијателната сестра на Кин Џонг-ун, открила дека тој и самиот бил болен, се додава во друга агенциска вест. Водачот „имаше висока температура додека беше во карантин, но ни на момент не се лекуваше бидејќи размислуваше за оние за кои е одговорен“, рекла.

Ова е првпат Пјонгјанг да признае дека Ким Џонг-ун, чиешто здравје секогаш е тема од најголем интерес на Западот, бил заразен со коронавирусот.

Ким Јо-џонг воедно ја обвинила Јужна Кореја дека е одговорна за епидемијата во нејзината земја која се ширела, како што рекла, преку пропагандни летоци и балони. Тоа го нарекла „злосторство против човечноста“ и му се закани на Сеул со „силна одмазда“.

Јужна Кореја го отфрли „неоснованите обвинувања“ и „навредливите и заканувачки коментари“ од Пјонгјанг, пренесе јужнокорејската новинска агенција Yonhap.