Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун во понеделникот се сретна со рускиот министер за природни ресурси Александар Козлов, објави државната новинска агенција KCNA, што на Западот се доживува како најнов знак за растечките врски меѓу Пјонгјанг и Москва.
За време на состанокот, Ким рекол дека соработката во трговијата, науката и технологијата треба да се прошири за развој и просперитет на двете земји, се вели во извештајот објавен во вторникот.
„Потребно е силно да се промовира заедничкиот просперитет и развој на двете земји преку понатамошно промовирање на меѓувладината трговска, економска, научна и технолошка размена и соработка на посеопфатен и разновиден начин“, рекол Ким.
Делегација на Воената академија на Генералштабот на руската армија пристигна во понеделникот во Пјонгјанг, објавија државните медиуми, додека делегација од Комитетот на Градскиот совет на Пјонгјанг во исто време ја посети Русија.
Размената на делагциите меѓу Пјонгјанг и Москва дојде откако јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол, на самитот на Г20 во Рио де Жанеиро, ги повика двете земји да ја прекинат, како што рече, „нелегалната воена соработка“ иако на територијата на неговата земја со децении е стационирана огромна американска база со стратешко вооружување а САД и Јужна Кореја секоја година изведуваат по две големи воени маневри.
Во посебна колумна објавена во вторникот, KCNA ја критикуваше трилатералната воена соработка меѓу Јужна Кореја, САД и Јапонија во регионот на Корејскиот полуостров, вклучително и самитот одржан минатата седмица на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) во перуанската престолнина Лима. Таквата соработка, вклучително и воените вежби, се вели во написот, ги создала раздор и конфликт во регионот.