Севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун го поканил американскиот претседател Доналд Трамп да ги посети Пјонгјанг во писмо испратено во август, објави во понеделник јужнокорејски дневен весник повикувајќи се на дипломатски извори.
Писмото, второ коешто Трамп го примил од Ким во август во моментите додека преговорите за денуклеаризација на Северна Кореја се во застој, било испратено пред минатонеделното тестирање на северкокорејските ракети со кус дострел.
Во ова второ писмо, кое на Трамп му било испратено во третата седмица од август, Ким напишал дека е подготвен за нов самит со Трамп, рекол еден од изворите за весникот Joongang Ilbo. Белата куќа, Стејт департментот и севернокорејската мисија при Обединетите нации не одговориле на барањето да ја потврдат информацијата.
Трамп и Кин се сретнаа трипати од јуни минатата 2018 година и притоа разговараа за начините како да се реши кризата поврзана со севернокорејската нуклеарна и ракетна програма. Последниот пат се сретнаа во Демилитаризиранта зона меѓу двете Кореи во јуни годинава и се согласија да ги обноват преговорите на ниво на работни групи, а кои се во застој од вториот неуспешен самит на двајцата челници во февруари во Виетнам.
Минатонеделното тестирање на севернокорејските ракети со кус дострел, кои инаку не влегуваат во забранатите дејствија одредени со санкциите на ОН, следеа само неколку часа откако севернокорејскиот министер за надворешни работи Чое Сон Хуи изјави дека неговата земја е подготвена за „сеопфатни преговори“ кон крајот на месецот.
Трамп на тоа порача дека би бил подготвен да се сретне со Ким подоцна во текот на годинава. Американскиот претседател на 9-ти август објави дека примил „прекрасно писмо“ на три страници од Ким и додаде дека би можел повторно да се сретне со него.