Кинеското министерство за одбрана во понеделникот објави дека канадската армија ги зголемила бројот на своите извидувачко-разузнавачки летови и провокации против Кина, загрозувајќи ја со тоа националната безбедност на најнаселената земја на планетата.
Портпаролот на кинеското министерство за одбрана Ву Чиан рече дека канадските воздухопловни сили под изговор дека ги почитуваат резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации за Северна Кореја, ги засилила разузнавачките активности и провокации против Кина.
Ву така ги коментираше минатонеделните обвинувања од Канада дека наводно воздухопловните сили на Кина непрофесионално и опасно по безбедноста се однесувале во меѓународниот воздушен простор. Инцидентите се случиле кога канадските воени пилоти ја извршувале мисијата NEON за следење на можни нарушувања на санкциите на ОН против Северна Кореја.
Истакна дека кинеската војска преземала „разумни, безбедни и професионални“ мерки, како одговор на „провокативните и непријателски“ активности на канадската страна. Додаде дека Пекинг на Отава ѝ вложил остар протест преку дипломатски канали.
„Кина ја повикува Канада да ја сфати сериозноста на ситуацијата, да не презема никакви ризични и провокативни дејствија… Во спротивно канадската страна ќе биде одговорна за сите сериозни последици“, порача портпаролот на кинеското министерство за одбрана.