Кинеските власти упатуваат сериозно предупредување до владејачката тајванска Демократска прогресивна партија (DPP) во врска со зголемените неовластени посети на американските политичари на Тајпеј, изјави во саботата Ма Ксијаогуанг, портпаролот на Канцеларијата за прашања за Тајван при Државниот народен совет (владата).
„Кина силно протестира по овој повод. Сериозно ја предупредуваме DPP. Нејзините обиди да добие поддршка до странски политички сили поради провокации и ткн независност на Тајван неизбежно се осудени на неуспех“, се истакнува во објавата на Пекинг во врска посетата на островот на нова делегација американски пратеници предводена од сенаторката Марша Блекберн.
Се појаснува дека Пекинг не прифаќа „неофицијално“ патување на претставници на американската влада во Тајпеј.
„Тоа сериозно ги прекршува нашите билатерални договори и е во спротивност на принципот ‘една Кина’“, кој САД се обврзани да го почитуваат според договорот со Пекинг, додаде Ма Ксијаогуанг.
Доцна во четвртокот сенаторката Блекберн со американски воен авион пристигна во ненајавена посета на Тајпеј. Ова беше третата посета на американски пратеници на островот од почетокот на август што поттикна ескалација на тензиите во кинеско-американските односи.
Претходно на почетокот од август на островот кој Кина го смета за своја одметната покраина, допатува претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на Тајпеј, што беше прва тава посета од која Вашингтон се воздржуваше повеќе од 25 години за да не се провоцира Пекинг. Две седмици подоцна во Тајпеј допатува и делегација на американски конгресмени предводена од сенаторот Ед Марки.
Посетата на Пелоси ја разгневи Кина којашто првпат одговори со лансирање на 11 балистички проектили над Тајван и кои паднаа во ексклузивната економска поморска зона на Јапонија и со прекин на дијалогот со САД за некои клучни глобални прашања.
САД, според нивниот договор со Кина, немаат дипломатски односи со Тајван кој не е меѓународно признаена држава, но имаат закон со кој администрацијата е обврзана финансиски и материјално да ја помага одбраната на островот. Кина, пак, никогаш не исклучи употреба на сила за да го врати Тајван под своја контрола. Тајванската влада, пак, вели дека Кина никогаш не го владеела островот, всушност тој до крајот на Втората светска војна и кинеската граѓанска војна бил под окупација на Јапонија, и поради тоа немала права на островот и оти само 23-те милиони „Тајванци“ може да одлучат за својата иднина.