Кина ја престигна Германија во употребата на роботи во индустријата, а меѓу десетте роботски „супер сили“ се вклучи и Словенија, според извештајот на Меѓународната асоцијација за роботи (IFR) во средата.
Јужна Кореја ја потврди позицијата на светски лидер со 1.012 роботи на 10.000 работници во 2023 година и годишна стапка на раст од пет проценти во периодот од 2018 година, пресметале во IFR.
На второ место е Сингапур со 770 роботи, а Кина ги надмина Германија и Јапонија и го зазеде третото место со 470 роботи на 10.000 работници, што е за 16,9 отсто повеќе од 2022 година.
Азискиот гигант брзо ја прифаќа технологијата за автоматизација и го удвои бројот на роботи во индустријата во рок од четири години, посочува здружението.
Германија е на четврто место со 429 роботи на 10.000 работници, а Јапонија е петта со 419.
Меѓу земјите на ЕУ, Шведска е на шестото место во светската ранг-листа со 347 роботи, а Данска и Словенија го делат осмото место со 306 роботи на 10.000 работници.
„Тројката“ го надмина просекот на ЕУ од 219 роботи, но и САД, чија индустрија лани имаше просечно 295 роботи на 10.000 работници.
Глобалниот просек беше 162 роботи минатата година и беше надминат, меѓу земјите на ЕУ, од Холандија, Австрија, Италија, Чешка, Словачка и Франција, покажува извештајот.