Кина побара во неделата од САД да го отфрлат менталитетот на Студената војна, откако американското министерство за одбрана во петокот ја изложи својата нова нуклеарна стратегија.
„Се надеваме дека САД ќе го отфрлат менталитетот на Студената војна, ќе преземат посебна одговорност за разоружувањето, коректно ќе ги разберат кинеските стратешки намери и објективно ќе ја согледаат кинеската национална одбрана и военото јакнење“, се наведува во соопштението објавено од кинеското министерство за одбрана.
Пентагон изрази загриженост дека американскиот нуклеарен потенцијал е застарен и дека повеќе САД не се веродостојна нуклеарна сила. Во спомнатиот документ се посочуваат Кина, Русија, Северна Кореја и Иран како потенцијални закани во оваа сфера.
Пентагон во петокот објави документ во којшто се тврди дека развојот на помало нуклеарно оружје може позитивно да делува на споменатата состојба со нуклеарниот капацитет, бидејќи оружјето со јачина под 20 килотони е помалку моќно, но и натаму разорно. Всушност ваквите размислувања во Вашингтон не се нови, и тие се провлекуваа низа изминати години, но сега првпат официјално се споменати во стратешки документ. Во истиот меморандум, исто така, се наведува дека покрај тоа е потребна и модернизација и обновување на нуклеарниот арсенал.
Москва, како и Пекинг и Техеран претходно, исто така, во саботата го осуди американскиот документ. Руското министерство за надворешни работи ги обвини САД дека повикуваат на војна и порача дека руската страна ќе ги преземе сите неопходни мерки за на земјата да ѝ е гарантира безбедноста. Дека документот е поттикнувачки на војна и е антируски, рече и шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, кој додаде дека е „длабоко разочаран“ од планот на Вашингтон.