Кина бара темелна истрага за експлозиите на Северен тек

Светската заедница има право да бара темелна истрага за експлозиите на руско-германските гасоводи Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море имајќи ги предвид нејзините сериозни глобални последици, рече во понеделникот портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин.

„Гасоводите Северен тек некогаш се нарекуваа ‘јаже за спас’ за европската енергетика, експлозиите на нив имаа сериозно негативно влијание врз глобалниот енергетски пазар и глобалната екологија (…) Императив е да се спроведе објективна, непристрасна и професионална истрага за овој случај“, изјави кинескиот дипломат на редовниот дневен брифинг во Пекинг.

Според Ванг, „невообичаениот“ молк на американските функционери и на тамошните медиуми е збунувачки. Истовремено, додаде, европските земји се појави голема загриженост.

„Меѓународната заедница има право да бара темелна истрага, имајќи го предвид погубниот карактер на ова злосторство со уништување на голема транснационална инфраструктура и сериозните последици што тоа ги предизвика“, додаде претставникот на кинеската дипломатија.

На крајот на септември минатата година, истовремено се случија експлозии на четирите цевководи на двата руски извозни гасоводи за Европа по дното на Балтичкото Море во данските територијални води. Русија веднаш тоа го нарече „очигледен чин на тероризам“, а властите на Германија, Данска и Шведска не исклучија саботажа. Трите земји спроведоа свои истраги кои ги потврдија сомнежите, но досега податоците не ги објавија правдајќи се со интерес од националната безбедност. Операторот на гасоводите, компанијата „Nord Stream AG“, во која удели имаат и најголемите западноевропски енергетски компании, оцени дека станува збор за огромна штета на инфраструктурата вредна неколку милијарди евра и истакна дека е невозможно да се процени временската рамка за поправките.

Претходно месецов, американскиот наградуван истражувачки новинар Сејмур Херш објави на својот блог напис за својата истрага за инцидентот кај данскиот остров Борнхолм, во кој повикувајќи се на извор „осведочен“ во случајот и наведувајќи точни датуми, бројки, локации и имиња, наведе дека по деветмесечно планирање американскиот претседател Џо Бајден одобрил минирање на гасоводите Северен тек 1 и 2 со кои евтиниот руски гас се испорачуваше во Германија, односно Европа. Во написот натаму се тврди дека во текот на вежбите на НАТО под називот „Baltops 2022“ минатиот јуни американски нуркачи поставиле осум експлозивни направи под гасоводите, кој три месеци подоцна ги активирала морнарицата на Норвешка.

Пентагон и Белата куќа подоцна на барање на руските медиуми негираа каква и да е вмешаност на Вашингтон во инцидентот, а американските мејнстрим медиуми ниеднаш не се осврнаа на написот на Херш.