Потпирањето на германската индустрија од странски добавувачи е благо зголемено од 2020 година, при што Кина игра клучна улога во снабдувањето со примарните производи, покажа студијата на институтот Prognos објавена во средата.
Индустријата продолжува да се потпира на странски добавувачи, со благ нагорен тренд во одредени сектори, и покрај ризиците, откри Институтот Prognos во истражувањето нарачано од Баварската деловна асоцијација.
Кина е најважниот извор на примарни производи и компоненти за сите сектори на германската индустрија, а потоа следат САД и Франција, покажа истражувањето.
Автомобилската индустрија е на прво место по вредноста на увозот на примарни производи од целиот свет, со 62 милијарди евра. По нив следуваат хемиската и машинската индустрија со увозна вредност од по 37 милијарди евра.
Увозот достигна критична точка на концентрација, со само неколку земји снабдувачи, во секторите кои традиционално увезуваат основни примарни производи, вклучувајќи ги земјоделството, рударството и текстилната индустрија.
Производителите на автомобили и машини развија поробусни синџири за снабдување и набавуваат делови од неколку земји, со помал ризик од прекини, истакнаа експертите.
Институтот откри висок степен на концентрација на увоз во секторите хемикалии, фармацевтски производи, обработка на податоци, електроника и оптика, со многу ограничени домашни алтернативи.
Силното потпирање на увозот од мала група земји може да предизвика значителни нарушувања во производството во случај на прекин на снабдувањето, потсетува Prognos.