Кина ќе работи на обновувањето на мирот на палестинските територии

Кина, којашто го презема претседавањето со Советот за безбедност при Обединетите нации, ќе стори сѐ што е во нејзините можности за да се обнови мирот на палестинските територии, соопшти во понеделникот министерството за надворешни работи во Пекинг, додека растат тензиите на Блискиот исток.

„Кина ќе даде сѐ од себе за да го поттикне Советот за безедност при ОН да ги исполни своите обврски, да ја одигра својата улога, да изгради консензус и преземе одговорни и значајни активности што е поскоро можно за да се ублажи постојната криза, да гарантира безбедност на цивилите и повторно да се воспостави мир“, изјави портпролот на кинеската дипломатија Ванг Венбин на редовниот брифинг со новинарите.

Изјавата од Кина доаѓа во моментот кога Израел ја зајакнува офанзивата во палестинската енклава Појасот Газа чијашто цел како што вели е уништување на радикалното исламистичко движење Хамас.

Кина минатата седмица го презема ротирачкото претседавање со Советот за безбедност при Обединетите нации.

Судирот на Блискиот исток е на врвот на дневниот ред на Советот за безбедност, изјави Жанг Чун, постојан претставник на Кина во ОН, пренесуваат кинеските медиуми.

„Императив е поттикнувањето на прекин на огнот и запирање на борбите, спречување на натамошните цивилни жртви, запирање на хуманитарната катастрофа од поголеми размери и спрчување на поширок судир“, го цитира Жанг кинеското издание на англиски јазик The China Daily.

Специјалниот претставвник на Кина за Блискиот исток, Жаи Чун, штотуку ја заврши турнејата по регионот. Жаи, кој поради кризата се сретна со челници на неколку земји во регионот, причината за војната на Израел во Појасот Газа ја припиша на недостигот од гаранции за правата и интересите на Палестинците.