Кина во првите три тримесечја од годинава била најголемиот трговски партнер на Европската унија, истиснувајќи ги од оваа позиција САД, што се толкува како последица од пандемијата на Covid-19 и остриот скок на кинеските стопански активности.
Во првите девет месеци од 2020 година, размената меѓу ЕУ и Кина достигнала 425,5 милијарди евра, а размената меѓу ЕУ и САД во истиот период изнесувала 412,5 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Eurostat. Споредено, во истиот период од минатата 2019 година размената на ЕУ со Кина изнесувала 413,4 милијарди евра, односно со САД точно 461 милијарда евра.
„Овој резултат е последица од растот на увозот (плус 4,5 отсто), а извозот (во Кина) е непроменет“, се истакнува во анализата на Eurostat, додавајќи дека „во истиот период трговијата со САД забележала значителен пад на увозот (минус 11,4 отсто) и на извозот (минус 10,09) отсто“.
Вкупниот дефицит на ЕУ во трговската размена со Кина се искачил на 135,9 милијарди евра во првите девет месеци од 2020 година, а во истиот период од 2019 година изнесувал 123,9 милијарди евра.
Иако ЕУ уште од 2004 година е главниот трговски партнер на Кина, тогаш ја надмина Јапонија, ова е првпат да важи и обратното, Кина да ги смени од првата позиција САД во однос на Унијата, истакна во средата францускиот завод за статистика INSEE во конјуктурниот извештај.
И покрај пандемијата на Covid-19 и многу силната економска криза во првото тримесечје, кинеската економија повторно е во подем, а потрошувачката во октомври дури и ја надмината минатогодишната, наведуваат од INSEE.
Само во третото тримесечје домашната побарувачка била поттикната од увозот на производи од ЕУ во Кина, „во прв ред во автомобилскиот и во секторот луксузни производи, но и телекомуникациите во очекување на американските санкции за кинески Huawei“, додава француското биро за статистика.
И извозот од Кина во ЕУ пораснал летово и на почетокот од есента поради големата побарувачка на медицинска опрема и електронски производи. Така, Светската здраватвена организација во октомври истакна дека само Кина извезла речиси 44 отсто од личната заштитна опрема со која се тргувала во светот во првите шест месеци од 2020 година.