Кина ги обвини САД за мешање во нејзините внатрешни работи

Кина ја смета секоја критика на нејзините активности за распоредување на оружје на островите во Јужното Кинеско Море е обид за мешање во нејзините внатрешни работи, изјави во саботата потпретседателот на Академијата воени науки на Народноослободителната армија на Кина, Хе Леи, коментирајќи ја изјавата на американскиот министер за одбрана Џејмс Матис.

Претходно во саботата челникот на Пентагон ја обвини Кина за кршење на меѓународните прописи во водите на Јужното Кинеско Море. Според Џејмс Матис, распоредувањето на вооружени системи на спорните острови е директно поврзано со воени цели и амбиции, како и заплашување на соседите. Истовремено, тој го предупреди Пекинг на можни последици од ваквите негови активности.

„Неодговорните коментари од други земји се неприфатливи“, му порача генерал-полковникот Хе Леи на Матис во своето излагање во рамките на Дијалогот Шангри-Ла во Сингапур на кој учествуваа и двајцата. „Распоредувањето на војски или вооружени системи на нашите острови и гребени во Јужното Кинеско Море е во рамките на нашите суверени права, тоа е дозволено со меѓународното право“, додаде Хи кого го цитира кинеската Централна телевизија CCTV.

Кина, како и повеќе земји во регионот Јапонија, Виетнам, Филипини и Тајван, сите сојузници на САД, се спорат околу поморските граници и зоните на надлежност во водите на Јужното и на Источното Кинеско Море, низ кои минуваат важни поморски правци преку кои се одвива трговија која на годишно ниво изнесува 5 билиони американски долари.

Кон крајот на мај кинеско-американските односи повторно се влошија откако разурнувачот „USS Higgins“ и крстосувачот „ USS Antietam“ вооружен со наведувачки проектили пловена на 12 наутички милји од Параселските острови, или Сиша како што ги нарекуваат во Кина. Пекинг протестираше и оваа американска активноста ја оцени како провокација којашто ги нарушува меѓународните норми и кинеските закони, и сериозно нарушување на нејзиниот територијален суверенитет.

САД ја обвинуваат Кина дека гради вештачки острови и гребени, како и дека на тој начин ги проширува своите територијални води што ќе ѝ овозможи контрола над областа. Пекинг ги отфрла овие обвинувања, тврдејќи дека историски полага суверенитет над овие архипелази, за кои се проценува дека, исто така, кријат големи резерви од енергенси и минерали.

Кинеската армија тајно инсталирала противморнарички крстосувачки ракети и противоздушни ракетни системи на три свои утврдени позиции кои се наоѓаат на спорните острови во Јужното Кинеско Море, изјавија на почетокот од мај за американската телевизиска мрежа CNBC извори запознаени со податоците на американското разузнавање. Според американски податоци, се проценува дека во април системите се распоредени на природните и вештачки гребени Мисчиф или Мејтци, Саби-Риф и Фахери-Крос во архипелагот Спартли, или на кинески Нанша. Овие системи овозможуваат напади врз бродови во радиус од 295 наутички милји или 546 километри, како и соборување на воздушни цели на растојание од 160 наутички милји, или 296 километри.

Неименуваниот претставник на Пентагон тогаш изјави дека натамошната милитаризација на истурените позиции „ќе служи само за зголемување на тензиите и зголемување на недовербата меѓу земјите“, коишто претендираат на овие главно ненаселени територии во Јужното Кинеско Море.

Претходно весникот The Wall Street Journal објави дека Кина распоредила „специјална опрема“ на две нејзини позиции на спорните острови, коишто имаат способноста да ги попречуваат комуникациските системи и радарските инсталации.