Кина ги повика САД да престанат со натамошно распоредување ракети во Јапонија

Кина ги повикува Соединетите Американски Држави да се откажат од намерата за натамошно распоредување ракети со среден и краток дострел на територијата на Јапонија, соопшти денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џиен.

Запрашан на прес-конференција да ја коментира намерата на САД да распоредат ракети во Јапонија, Лин рече дека САД работат на распоредување ракети со среден и краток дострел во азиско-пацифичкиот регион во последните години.

„Таквиот потег ќе го интензивира трендот на трката во вооружување, сериозно ќе ги зголеми тензиите во регионот, ќе го загрози регионалниот мир и безбедност и ќе ја поткопа глобалната стратешка рамнотежа и стабилност. Кина постојано го изрази своето силно противење на ова“, рече Лин, цитиран од Танјуг, повикувајќи се на Кинеското меѓународно радио.

Тој посочи дека Кина предлага дека е неопходно да се зачува регионалниот и меѓународниот мир и стабилност преку практични активности.

„Кина внимателно ќе го следи развојот на ситуацијата и решително ќе ги брани сопствените безбедносни интереси“, заклучи портпаролот.