Кина го испорача првиот авион „C919“ со кој му конкурира на „A320“

Кина во петокот објави дека го испорачала својот нов патничкиот авион „C919“ со кој ќе му конкурира на моделот „A320“ на европскиот концерн „Airbus“, а првпат треба да полета на комерцијален лет на почетокот од 2023 година.

Станува збор за првиот патнички авион на средни летови кои го произведе кинеската државна компанија „Comac“, иако повеќето важни делови се од увоз. Моделот „C919“ има два мотора и, исто така, ќе му конкурира на моделот „737 MAX“ на американскиот производител „Boeing“.

Првиот авион „C919“, кој може да прими 164 патници, официјално е предаден на кинеската воздухопловна компанија „China Eastern“ на свеченоста одржана на аеродромот во Шангај, извести телевизијата CCTV. Станува збор за настан кој претставува „важен исчекор“ во кинеската воздухопловна индустрија, се истакнува во прилогот на државната телевизија.

На воздухопловниот саем во ноември „Comac“ објави дека има нарачки за 300 авиони од моделот „C919“. Меѓутоа, тогаш не беше откриено за поединостите и за вредноста на договорите, ниту за датумите на испораките. Но, како што сега објавуваат кинеските медиуми, четири авиони треба до крајот на 2022 година да бидат испорачани за „China Eastern“, втората кинеска авиокомпанија според бројот на превезените патници, а во сообраќај ќе бидат ставени во првиот квартал од 2023 година.

Производството на „C919“, меѓутоа, не ја попречи Кина да склучи договор со „Airbus“ во износ од 17 милијарди долари. Европскиот конструктор на авиони во ноември започна производство на моделот „А321“ во погоните во Тијанцин, близу кинеската престолнина Пекинг. Авионите „737 MAX“ на „Boeing“ не летаат во Кина по двете големи воздухопловни несреќи во 2019 година.