Кина го укинува карантинот за патниците кои влегуваат во земјата

Кина од 8-ми јануари ќе го укине задолжителниот карантин за патниците коишто влегуваат од странство во земјата, соопшти во понеделникот Националната здравствена комисија, што се смета за голем исчекор кон ублажувањето на ограничувањата на нејзините граници, кои главно беа затворени од 2020 година.

Кинескиот одговор на пандемијата на Covid-19 ќе биде ублажен на нивото Б од сегашното највисоко ниво А, соопштија здравствените власти откако болеста станала помалку вирулентна и постепено ќе еволуира во вообичаена респираторна инфекција.

Трите години на мерките за нулта толеранција на коронавируот, од затворените граници до честите „затворања“, нанесоа штети како на кинеската економија така и на светската, поради блокирањето на патувањата и производството во мноштвото погони на странските компании во Кина, и во ноември поттикнаа најголеми јавни пројави на незадоволство на граѓаните откако во 2012 година на власт дојде претседателот Кси Џинпинг.

Кина е последната од големите земји којашто започна да го третира Covid-19 како ендемска болест. Кинеските мерки за сузбивање на болеста ја доведоа втората светска економија според обемот, проценета на 17 милиони американски долари на најниската стапка на раст во речиси половина век, што ги наруши и глобалната трговија и синџирите за снабдување.

Претходно во декември Кина направи голем пресврт во својата политика во справувањето со пандемијата и укина повеќе од ограничувањата за движење и задолжителен карантин, а поради тоа во моментов болниците во земјата се справуваат со бран од зарази и се заканува нивно преоптоварување.

Тогаш останаа на сила строгите барања за патници кои доаѓаат во Кина, вклучително и петте дена задолжителен карантин во институција којашто е под надзор на здравствените власти и уште три дена изолација во домашни услови.

Тоа ограничување, како и она за бројот на патниците на меѓународните летови ќе биде отстрането на 8-ми јануари. Меѓутоа, патниците кои влегуваат во Кина ќе мора да се подвргнат на PCR тестирање 48 часа пред поаѓањето, најавија во понеделникот здравствените власти.

Ќе биде поедноставени ќе бидат и аранжманите за доаѓањето на странците во Кина, на пример поради деловна соработка, како и потребните визи. Влегувањето и излегувањето од пристаништата и аеродромите постепено ќе се обновува, додека заминувачките патувања на кинеските државјани ќе бидат обновени „на уреден начин“, додаваат властите.

Кина од јануари 2020 година, речиси еден месец по првите случаи на заразата во градот Вухан, ја класифицираше коронавирусната болест Covid-19 како заразна болест од категоријата Б, но се справуваше со неа според протоколите за заразните болести од категоријата А во којашто се болести како бубонската чума и колерата, давајќи им на локалните власти овластувања да одредат карантин за пациентите, нивните блиски контакти и да затворат региони.

Додека Кина го ублажува начинот на управување со коронавирусот, Националната здравствена комисија, којашто фактички е министерство за здравство, објави дека ќе бидат засилени протоколите за превенција и контрола на епидемијата во клучните институции, како што се установите за возрасни лица. Дополнително ќе биде зголемена стапката на вакцинираност меѓу повозрасните лица и ќе се поттикнуваат дополнителни дози од вакцините за лицата со висок ризик од развој на тешко заболување.