Кинескиот претседател Кси Џинпинг изјави во понеделникот дека стабилните односи меѓу Кина и Австралија се во интересот на двете земји и дека тие би требало да ја зајакнат соработката.
Кина и Австралија би требало да го поттикнуваат развојот на страташкото партнерство јакнејќи ги меѓусебното разбирање и довербата, му порачал Кси Џинпинг на австрлискиот премиер Антони Албанесе, првиот австралиски челник кој го посети Пекинг по 2016 година.
„Силните односи (…) ќе бидат од полза во иднина“, му возврати австралискиот премиер на кинескиот претседател во Голема сала на народот во центарот на Пекинг.
Ова е втора непосредна средба на Кси и Албанесе последната година, а траела повеќе од еден час. Албанесе ја оцени како „многу позитивна“, додавајќи дека го поканил Кси да ја посети Австралија.
„Двајцата се согласивме дека не би смеело да нѐ дефинираат нашите разлики, дека треба да се признае дека тие постојат, но и заемната полза што ја имаме“, заклучи австралискиот премиер.
Кина и Австралија со децении градеа односи засновани на трговијата. Кина стана најголемиот трговски партнер на Австралија.
Меѓутоа односите се затегнаа откако во 2017 година Австралија ја обвини Кина зе мешање во нејзината внатрешна политика. Година подоцна австралиските власти, следејќи ги политиките на западните сојузници, во прв ред Велика Британија и САД, ја забранија опремата на кинескиот технолошки гигант „Huawei“ за својата 5G мрежа поради безбедносни причини.
Повиците на Австралија во 2020 година да се поведе меѓународна истрага за потеклото на пандемијата на ковид-19 и наводно за нејзини прикривање од кинеските власти, за чиј епицентар се смета кинескиот град Вухан кон крајот на декември 2019 година, го предизвика гневот на Пекинг, кој одговори со блокада на увозот на некои австралиски стоки.