Светската трговија благо порасна во третиот квартал годнава благодарение на посилниот економски раст во САД и Кина што ја компензира стагнацијата во Европската унија, процени во понеделникот Светската трговска организација (СТО – WTO).
Барометарот на трговијата со стоки бил за 1,6 поени повисок во септември во однос на јуни и изнесувал 100,7 поени, надминувајќи ја основната вредност од 100 поени што укажува на раст на трговијата во согласност со трендот, објави во понеделникот СТО.
„Ова упатува на заклучокот дека обемот на трговската размена во втората половина постепено повторно ќе се приближува кон среднорочниот тренд, иако сè уште е изразена неизвесност поради мешаните економски податоци и зајакнувањето на геополитичките тензии“, се наведува во соопштението за медиумите.
Вредностите пониски од 100 поени сигнализираат забавен раст на стоковоата размена во однос на трендот во претходниот период. Барометарот беше замислен од СТО како показател кој треба да детектира евентуален пресврт.
Обемот на трговската размена речиси стагнира во вториот квартал, со стапка на раст од 0,2 отсто во однос на претходните три месеца. Споредено со истиот период лани и натаму бележат пад, за 0,5 отсто, посочуваат од СТО.
„Трговската статистика во третиот квартал би требало да биде малку посилна благодарение на забрзаниот раст на БДП-то во САД и Кина, додека кочница за глобалната побарувачка продолжува да биде стагнација во Европската унија“, се додава во извештајот.
Во четвртиот квартал, растот на трговијата со стоки веројатно ќе биде посилен на годишна основа поради ниската компаративна основа на крајот на 2022 година, кога водечките економии беа попречени од високите цени на енергијата, зголемените каматни стапки и нарушувањата поврзани со пандемија, прогнозира СТО.
Тие ја потврдија октомвриската проценка за зголемување на обемот на глобалната трговија оваа година за 0,8 отсто, но предупредија на зголемени ризици поради ситуацијата на Блискиот исток.
Во вториот квартал, најсилен раст забележаа индексите на продажба и производство на автомобили и трговија со електронски компоненти. Индексите на воздушниот транспорт, извозните нарачки и бродскиот транспорт ја сигнализираат трговијата во согласност со трендот, додека индексот на трговијата со суровини бележи мало забавување.
Силниот раст на индексот на автомобилски производи и електронски компоненти може да се објасни со зајакнувањето на глобалната побарувачка за електрични автомобили, додека слабиот раст на трговијата со суровини потенцијално го одразува падот на пазарот на недвижности поради постојано високите каматни стапки.