Кина и САД треба да бидат извор на безбедност за светскиот мир, порачал Кси

Кина и САД треба да станат извор на безбедност за светскиот мир и двигател на заеднички развој, рече кинескиот претседател Кси Џинпинг на состанокот со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, известија во четвртокот државните медиуми.

„Посветеноста на Кина за стабилен, здрав и одржлив развој на кинеско-американските односи останува непроменета“, рекол Кси, според државната телевизија CCTV.

Во четвртокот, кинескиот претседател го прими во Пекинг советникот за национална безбедност на Белата куќа, кој од вторникот е во посета на Кина.

Тој е првиот американски советник за национална безбедност што ја посетил земјата од 2016 година. Тие осум години се период во кој односите меѓу Вашингтон и Пекинг беа затегнати поради трговски и безбедносни прашања.

Според агенцијата France Presse (AFP), Кси му рекол на Саливан дека посветеноста на Кина за „здрави“ односи со Вашингтон „останала непроменета“.

Саливан претходно се сретна и со кинескиот генерал и потпретседател на Централната воена комисија (министерството за одбрана) Џанг Јоикси, како и со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

Како што пишува агенцијата dpa, средбата со генералот Џанг би можела да биде знак за приближување меѓу Кина и САД. Централната воена комисија е највисокото воено тело за несење одлуки во Кина и со него претседава претседателот на Кина.

Џанг, кој неодамна престојуваше по вторпат за една година во Москва, рекол дека средбата ја покажала високата почит на Саливан за односите меѓу американските и кинеските војски, според извештајот на кинеската телевизија Phoenix TV.

Како советник на Бајден, Саливан игра клучна улога во формулирањето на американските безбедносни стратегии и во координацијата на политиката за Кина, додал Џанг според истиот изввор.

„Двете страни ја потврдија важноста на редовната комуникација меѓу војските, како дел од напорите за одржување на дипломатијата на високо ниво и отворените линии на комуникација“, пишува Reuters навраќајќи се на средбата на Бајден и Кси на самитот Вудсајд ланскиот ноември.