Пекинг денеска им ги одзеде акредитациите на тројца новинари од „Волстрит џурнал“ откако весникот, со седиште во Њујорк, одби да се извини за колумната, во која Кина ја нарекува „прав пациент на Азија“.
Во исто време, Кина објави и дека е против новите правила воведени во САД против пет медиуми кои ја поддржуваат кинеската Влада и Комунистичката партија.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Генг Шуанг изјави дека Пекинг се жалел поради расистичката колумна објавена во „Волстрит џурнал“, истакнувајќи оти со неа се уништуваат напорите на Пекинг во борбата против епидемијата на новиот коронавирус. Но, весникот не се извинил ниту покренал истрага против одговорните.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека ќе се однесува кон петте кинески државни медиуми, кои работат во САД исто како кон странските амбасади, барајќи од нив да ги регистрираат вработените и имотот во Стејт департментот.
Генг додаде дека Кина има право да одговори на акциите од Вашингтон.