![Kina mornarica](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/Kina-mornarica.jpeg?resize=696%2C418&ssl=1)
Соединетите држави немаат право да се мешаат во проблемите меѓу Кина и Филипини, порача во четвртокот кинеското Министерство за надворешни работи во заднната на тензиите околку спорните територијални води во Јужното Кинеско Море.
„САД не се страна во прашањето на Јужното Кинеско Море, немаат право да се мешаат во проблемот меѓу Кина и Филипини“, порача портпаролката на кинеската дипломатија Мао Нинг на редовниот дневен брифинг со новинарите во Пекинг одговарајќи на прашањето во врска со пораките од Вашингтон дека ќе ги брани Филипини.
Кина и Филипини имаат неколку големи спорови во Јужното Кинеско Море, во прв ред околу суверенитетот над спорните води околу атолот Секанд Томас Шоал, дел од архипелагот Спартли.
Кинески брод во неделата се судри со филипински рибарски брод. Манила „настрого“ ги осуди „опасните блокирчаки маневри“ на кинескиот брод.
„Ветувањата на САД дека ќе ги бранат Филипини не смее да ги повреди кинескиот суверенитет и поморските интереси во Јужното Кинеско Море и не смее да ги охрабрува нелегалните барања на Филипини“, рече Мао Нанг.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави во средата во Белата куќа дека американската доследност во бранењето на Филипини е „цврста како железо“, откако ја обвини Кина дека во Јужното Кинеско Море постапува „опасно и незаконски“.
„Секакво напад врз филипински авиони, бродови или другите вооружени сили ќе го активираат… нашиот договор со Филипини за заемна одбрана“, рече Бајден.
САД и Филипини неодамна договорија нови насоки за нивниот договор за заемна одбрана од 1951 година. Насоките сега прецизно наведуваат дека обврската за заемна одбрана ќе бидат активирани во случај на вооружен напад врз која и да е од двете земји „каде и да е во Јужното Кинеско Море“.
Меѓу Кина, од една страна, и американските регионални сојузници Јапонија, Виетнам, Филипини, од друга страна, постои спор во врска со поморските граници и зоните на полагање право во Јужното и Источното Кинеско Море низ кои се одвива поморски товарен сообраќај во износ од 5 билиони долари годишно. Кина архипелазите Ксиша и Нанша (Спартли), на кои претензии имаат и другите земји, ги смета за свои територии и предупреди дека нејзините активности на островите и околните води се целосно легални и потпаѓаат под кинескиот суверенитет.
САД ја обвинуваат Кина дека гради вештачки острови и гребени, како и дека на тој начин ги проширува своите територијални води што ќе ѝ овозможи контрола над областа. Пекинг ги отфрла овие обвинувања, тврдејќи дека историски полага суверенитет над овие архипелази, за кои се проценува дека, исто така, кријат големи резерви од енергенси и минерали.
Во јули 2016 година Постојаниот арбитражен суд во Хаг по барање на Филипини пресуди дека Кина нема основи за територијални претензии во Јужното Кинеско Море. Судот одлучи дека спорните територии од архипелагот Спартли не се острови и не формираат ексклузивна економска зона. Пекинг веднаш објави дека не ја признава арбитражната одлука.