Кина му честиташе на Мадуро на победата, Кремљ ја повика венецуелската опозиција да го признае поразот

Кинескиот претседател Кси Џинпинг му честиташе на венецуелскиот колега по должност Николас Мадуро на новиот претседателски мандат, третиот по ред, објавија во вторникот кинеските медиуми.

Националниот изборен совет (CNE) на Венецуела објави во понеделникот малку по полноќ дека социјалистичкиот претседател Николас Мадуро освоил 51 отсто од гласовите, а за доцнењето во објавувањето на резултатите и одложеното објавување на изборните резултати го обвини кибернетичкиот напад кој дошол од Македонија.

Опозицијата која е поддржана од САД и нивните западни сојузници во понеделникот бараа објавување на поединечни изборни резултати од претседателските избори во Венецуела, а наводните „независни анкетари“ изјавија дека објавените резултати се „незадоволни“. Резултатите од изборите ги оспорува ЕУ и САД и некои нивни сојузници во Латинска Америка.

Во меѓувреме од покраините каде на власт се опозициските гувернери во главниот град Каракас илјадници се упатија кон претседателскиот дворец на протести против, според нив, спорниот изборен резултат и повикуваат на пад на владата.

Сепак, кинескиот претседател Кси во пораката до Мадуро ги истакнува пријателските врски меѓу двете земји и оцени дека венецуелскиот претседател ги „води својата земја и својот народ на патот на развојот во согласност со националните околности“.

„Кина, како и секогаш, цврсто ќе ги поддржува напорите на Венецуела да ја зачува националната сувереност, националното достоинство и општествената стабилност, и цврсто ќе стои крај Венецуела во нејзиното спротиставување на надворешното мешање“ порачува Кси.

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека „сите страни мора да го почитуваат изборот на народот на Венецуела“, како и дека Кина е „убедена дека владата и народот се способни да водат грижа за сопствените внатрешни работи“.

Истовремено во вторникот Кремљ порача дека опозицијата во Венецуела би требало да го прифати изборниот пораз и да му честита на актуелниот претседател Николас Мадуро на победата.

„Гледаме дека опозицијата не сака да го прифати својот пораз, но ние веруваме дека таа тоа мора да го стори, треба да му честита на победникот на овие избори“, одговори на новинарско прашање портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков на редовниот брифинг со новинарите во Кремљ.

Песков предупреди и дека „надворешните сили не смеат да се обидуваат да шират нестабилност“ во оваа латиноамериканска земја.

Челничката на опозицијата Марија Корина Мачадо во понеделникот тврдеше без да даде ниеден доказ дека опозицијата имала пристап до 73 отсто од преброените гласови кои наводно покажале дека нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалез имал „огромна предност“. Таа тврдеше, повторно без докази, дека во сите сојузни држави (покраини) Гонзалез бил во водство и имал повеќе од 6,2 милиони гласови, додека Мдуро наводно имал само 2,7 милиони.