Кина му порача на Западот дека испраќањето оружје на Украина не носи мир

Бруталните факти даваат доволно докази дека испораките на оружје не носат мир, порача во четвртокот кинескиот заменик амбасадор при Обединетите нации, Даи Бинг, на Генералното собрание на светската организација по една година војна во Украина, која започна по одбивањето на неколку необврзувачки резолуции.

„Долевањето масло на огнот само ќе ги влоши тензиите. Продолжувањето и ширењето на судирот само ќе ги рабуди обичните луѓе да платат уште повисока цена“, предупреди кинескиот дипломат алудирајќи на објавите на западните челници за испраќање дополнително вооружување на Украина и ветувањата до Киев дека ќе го поддржуваат во војната против Москва „колку и да биде потребно“ или „до конечната победа над Русија“.

Подготвени сме да продолжиме да играме конструктивна улога во решавањето на украинската криза и да донесеме мир што поскоро, рече Даи Бинг.

Западните земји предводени од САД изминатите осум години ја снабдуваат Украина со оружја и ја обучуваат нејзината војска во износи од стотина милијарди долари, а особено тоа отворено го прават по почетокот на ланската инвазија на Русија.

Но, САД и НАТО ја обвинија Кина дека наводно разгледува да ја снабдува Русија со оружје, без никакви аргументи и докази за каков вид оружје би станувало збор, и му се заканија на Пекинг да не го прави тоа.

САД не се во позиција да ѝ поставуваат никакви барања на Кина, порачаа од Пекинг отфрлајќи ги „неоснованите тврдења“ од Вашингтон и Брисел.

Говорот на Даи Бинг во Обединетите нации следеше само еден ден откако главниот кинески дипломат Ванг Ји ја посети Москва и вети продлабочување на соработката во бројни сфери со Русија. Пекинг и Русија објавија „партнерство без ограничувања“ непосредно пред почетокот на руската воена операција во Украина.

Генералното собрание на ОН подоцна во четвртокот ќе гласа за нацрт-резолуција која повикува на „сеопфатен, праведен и траен мир“, и барање Русија да ги повлече своите трупи.

Од почетокот на украинската војна, откако поранешната британска премиерка Лиз Трас изјави дека Западот треба да ја разгледува можноста за „превентивен нуклеарен напад“ врз Русија, западниот наратив потоа мина дека наводно Москва се заканува со нуклеарно оружје, и тоа откако САД изминатите години се повлекоа од сите мултилатерални и билатерални договори за неширење на вооружувањата.

Рускиот претседател Владимир Путин во говорот во средата повтори дека доктрината на Русија за употреба на нуклеарното оружје предвидува негова употреба доколку директно се загрозени нејзините интегритет и суверенитет.

„Нуклеарното оружје не смее да се користи, не може да се води нуклеарна војна. Сите страни би требало да се здружат против користењето или заканите со употреба на нуклеарно оружје, да се спречи ширењето на нуклеарното оружје и да се избегне нуклеарната криза“, рече Даи Банг.