Кина ќе воведе извозни дозволи за група метални производи кои се користат во производството на полупроводници, објави Министерството за трговија, што ги засили тензиите во трговските односи со Вашингтон во технолошкиот сектор.
Мерките за контрола на извозот ќе стапат на сила на 1. август и ќе опфатат 14 производи од галиум и германиум, објави Пекинг, оправдувајќи го потегот со заштита на националната безбедност и интересите.
Списокот вклучува соединенија што се користат во производството на полупроводнички диоди, транзистори и интегрирани кола. Германиумот сè уште се користи во инфрацрвената технологија, оптичките кабли и соларните ќелии.
Производителите ќе треба да добијат дозволи за извоз, потенцираат од министерството и додаваат дека прекршувањето на одредбите предвидува казна.
Потегот на Пекинг следи по серијата мерки на САД за ограничување на извозот на софистицирани чипови во Кина, наведувајќи ја и националната безбедност и можната двојна употреба, која ја вклучува и војската.
Паралелно, САД ги здружија силите со Холандија и Јапонија за да го ограничат извозот на машини за производство на софистицирани чипови во Кина.
Така, холандската влада неодамна објави нови регулативи кои ќе бараат од производителите на софистицирани машини за чипови да добијат лиценци за извоз, без конкретно да ја спомене Кина.
„Го презедовме тој чекор во интерес на нашата национална безбедност“, изјави тогаш министерот за трговија Лиесје Шеринемахер, додавајќи дека опремата може да се користи за воени цели.