Кина одбележува 25 години од враќањето на надлежноста над Макао

Кинескиот претседател Кси Џинпинг ги води прославите во петокот во Макао по повод 25-годишнината од предавањето на поранешната португалска колонија на Кина, како и инаугурацијата на новиот претседател на оваа полуавтономна територија.

Прославите започнаа во петокот наутро по локално време со церемонија на подигнување на знамето. Кси го поздрави „глобално признатиот успех“ на Макао во спроведувањето на моделот „една земја, два система“ и додаде дека градот има ветувачка иднина.

Кога Макао се врати под кинеско владеење на 20 декември 1999 година, две години по соседниот Хонгконг, Пекинг вети дека „капиталистичкиот систем и начин на живот на градот ќе останат непроменети 50 години“.

Петочните свечености беа организирани околу инаугурацијата на Сем Хоу-Фаи, поранешен главен судија на Врховниот суд, како четврти челник на Макао. Тој ќе биде првиот што е роден во Кина а не во Макао и првиот што не доаѓа од деловниот свет. Сем Хоу-Фаи го замени Хо Иат-Сенг кој е на власт од 2019 година.

Поранешната португалска трговска попатна станица е радикално трансформирана за да стане светска престолнина на казината и популарна дестинација за кинеските туристи.

По неговото пристигнување во средата, Кси рече дека „Макао е бисер на дланката на нацијата“ и го пофали неговиот развој.

По 442 години португалско владеење, економијата на Макао доживеа брз развој, поттикната од економскиот раст на Кина. Територијата на која живеат 687.000 луѓе е единственото место во Кина каде што се дозволени казината. Овој коцкарски рај моментално го надминува Лас Вегас во однос на приходите од хазардни игри.